Скопје – Поедноставување на процедурата за добивање градежна дозвола и подобрување на деловната клима е главната цел на заедничкиот проект на Министерството за транспорт и врски со Меѓународната финансиска корпорација (IFC) членка при Светската банка, што го најавија денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и Антоан Курсел Лабрус претставник на IFC.
Проектот, согласно Договорот за соработка што го потпишаа Јанакиески и Лабрус, предвидува тим на Меѓународната финансиска корпорација во следните два месеца да спроведе длабинска анализа на процесот за одобрување градежни дозволи во Македонија. Во консултации со општинските власти, инвеститори, како и стопанските комори претставниците на IFC ќе направат проценка на сите постапки при издавање на градежни дозволи, на доцнењата, како и на трошоците за нивно добивање. На база на таквите информации ќе дадат препораки како да се рационализира процесот на добивање градежни дозволи кои, според министерот Јанакиески, понатаму ќе бидат преточени во законски измени.
Вредноста на проектот е 34.000 долари од кои IFC во вид на донација обезбедува 31.723 долари, а Министерството за транспорт 2.277 долари.
Според Јанакиески, сите активности од проектот треба да завршат до крајот на годината, а Министерството за транспорт ќе ги обезбеди сите потребни информации и поддршка, како и активното учество на релевантните локални власти во процесот на ревидирање.
– Генерално треба да се подобрат условите и да се забрза процесот на издавање дозволи. Од првичните анализи веќе се поставува и прашањето за висината на надоместокот што се плаќа за дозволата, рече Јанакиески, посочувајќи оти очекува со проектот во државата целиот процес со издавањето дозволи да се подбри и да биде потранспарентен и полесен за инвеститорите.
Претставникот на IFC Лабрус истакна дека реализацијата на проектот ќе претставува чекор напред за Македонија во привлекување инвестиции со оглед дека ќе се поедностави постапката за добивање градежни дозволи, област во која Македонија доби критики во Извештајот на ДУИНГ бизнис, а проектот треба да ја подобри состојбата.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дека наводно државата ангажира градежни компании, но ги условува со одложено плаќање министерот Јанакиески рече дека тоа не е случај со Министерството за транпспорт и врски, а индивидуланите случаи да не се глобализираат.
– За сите случаи треба да се зборува посебно. Можеби тоа било дел од тендерската постапка. Не можеме да глобализираме некои случаи, а да земаме пример само од конкретен случај, наведе министерот за транспорт. (МИА)